
Е. Ц. Тетово
Евангелска црква –Тетово официјално ја започнува својата служба во ноември 2012 година. Јордан и Весна Стоилови во 2009 година одат како мисионери во Тетово со цел да го споделуваат евангелието меѓу Албанците - муслимани. Бидејќи Тетово во минатото е место на конфликт, повреди и неопростување меѓу двете најголеми етнички групи, Македонците и Албанците, тие имаат на срце да отворат црква, која ќе ја наречат „Мост“. Целта на „Мост“ е да се направи место што ќе биде пријатно за сите луѓе од сите етнички и религиски средини, каде што ќе можат да дојдат и да бидат прифатени, место каде што ќе можат сите заедно да градат подобри меѓуетнички и меѓуверски односи на основа на евангелието, простувањето и верата во Исус Христос! Црквата дејствува преку христијански поучување, хуманитарни активности и социјални настани.
Детали за црквата
Нашата историја
Јордан Стоилов е роден во Штип, каде што и живее до неговата 24-та година. Тој завршува средно училиште во Штип, а подоцна заминува во Библиско училиште во Белград, Србија, и таму ја запознава неговата сопруга Весна. Тие стапуваат во брак и заедно продолжуваат во училиште за обука на мисионери.
Во 2009 година тие се преселуваат во Тетово, западниот дел на Македонија, да го споделат евангелието со муслиманите Албанци и да основаат црква. Набргу потоа, тие изнајмуваат јавни простории и започнуваат со редовни богослужби и христијански предавања.
Јордан Стоилов е в.д. пастор на Евангелската црква - Тетово.
Јордан и Весна денес студираат во ЕТИК.
Тие имаат две деца, Јаков и Тамара.
Тетово се наоѓа во северозападниот дел на Македонија и на оддалеченост од 40 километри од главниот град Скопје. Тетово е мултиетнички град во кој живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми и останати. Тетово е град со околу 100.000 жители од кои најголемиот процент го сочинуваат Албанците со 75%, Македонци 20% и останати 5%. По конфликтот во 2001 година кои се случи меѓу Албанците и Македонците - Тетово прерасна во еден значаен центар на албанската политика, економија и образование.