Верување на Евангелска Црква во Македонија
1. Веруваме во Бог, семоќниот Господ, создател и седржител на небото и на земјата и на сè што постои, видливо и невидливо.
2. Веруваме дека Бог е еден. Тој е битие како заедничарење и Библијата зборува за божеството на три различни личности, кои се неразделни: Таткото, Синот и Светиот Дух. Според тоа, ние веруваме дека има само еден Бог, кој е Свето Тројство. Тој има една природа, една суштина, едно битие, но Бог од вечноста е во три личности, кои се во единство и различност истовремено.
3. Веруваме во Бог Таткото, првата личност на Светото Тројство. Според еднаквоста на битието и единството на божествената Света Троица, Тој Му е Татко на Својот единороден Син Божји. Како создател, Тој е Татко на целиот свет. Во делото на спасението, Тој им е Татко на Своите избраници, давајќи им можност на сите што ќе поверуваат да станат деца Божји, кои припаѓаат на Божјото семејство.

4. Веруваме во Бог Синот, објавен во личноста на Господ Исус Христос. Тој е единородниот Син Божји, кој е роден од Таткото пред сите векови - светлина од светлината, вистински Бог од Бога вистински; роден, не создаден; едносуштен со Таткото; преку кого сè станало. Тој, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небото и се отелотвори, преку Светиот Дух и девицата Марија и стана човек. Исус е една личност со две природи, кои се неизмешани, неподелени и нераздвојни – Тој е целосно Бог и целосно човек, вистински Бог и вистински човек, со иста природа како Таткото, во однос на Неговото божество, и со иста природа како нас, во однос на Неговата човечност. Според Библијата, Исус живееше совршен живот без грев, исцелуваше болни, вршеше добрини, поучуваше и правеше чуда. На крајот страдаше и беше распнат на крст, заради нашето спасение и како откупна жртва за нашите гревови. Беше погребан и на третиот ден воскресна од мртвите. Се вознесе на небото и седи оддесно на Таткото. Тој е вечен спасител, кој посредува за нас. Исус повторно ќе дојде, во сила и слава, и ќе им суди на живите и мртвите и Неговото царство не ќе има крај.
5. Веруваме во Бог Светиот Дух, третата личност на Светото Тројство, едносуштен со Таткото и со Синот. Тој му сведочи на светот за гревот, за правдата и за судот. Тој сведочи за Евангелието и за вистината за Исус и нè повикува да дојдеме при Него. Тој ги доведува верниците до покајание и им дава животодавна вера. Светиот Дух го овозможува нашето обраќање и Тој е оној кој нè нановораѓа и ни сведочи дека сме станале деца Божји и дека сме спасени. Тој нè води во посветувањето и плодот на Неговото дело во нас се добрите дела кои ги вршиме како резултат на обраќање и нановораѓање. Тој нè утешува, нè одржува, нè оснажува, нè менува и нè воведува во сета вистина. На тој начин, спасоносното дело на Светиот Дух е апсолутно неопходно и суштинско за нашето спасение. Светиот Дух е жив и непроменлив. Тој и денеска ги крштева и ги исполнува со сила Своите верници. И денеска Тој делува преку разни чуда и знаци, исцелува болни, и им дава разни дарови на верниците за заедничка полза, вклучително и дарот на говорење во јазици.
6. Веруваме дека црквата е верниот народ Божји, кој е во свето заедништво според волјата Божја, под Господство на Исус Христос. Христос е глава на црквата. Црквата е телото Христово и храм на Светиот Дух. Црквата е една, света, сeопшта и апостолска. Таа го негува заедништвото меѓу верниците, го проповеда словото Божјо, ги образува и ги изградува верниците како ученици Христови, кои заедно се молат, Го слават и обожаваат Бог, им служат на верниците внатре во црквата и на луѓето надвор во светот и верно го пренесуваат Евангелието Христово, за спасение на секој кој ќе поверува. Веруваме во свештенство на сите верни, но Бог исто така повикува луѓе кои ќе бидат препознаени и ракоположени за служба Божја, како водачи и пастири на Неговото стадо.
7. Веруваме во вечен живот и во воскресението на мртвите. Верниците, кои се оправдани преку верата во Христос, ќе воскреснат за вечен живот во рајот, а неверниците ќе воскреснат за вечна пропаст во пеколот, заради нивните беззаконија. Овој свет ќе помине, а сатаната и сите сили на темнината ќе бидат поразени. Господ за Својот народ ќе воспостави ново небо и нова земја, каде ќе нема никакво зло, ниту страдања, ниту болка, ниту плач, ниту тага, ниту смрт, а на Неговото царство, слава и владеење, заедно со Неговата црква, никогаш нема да им дојде крај.
8. Веруваме дека Библијата е од Бога вдахновено Свето Писмо и дека Светиот Дух ги инспирирал Божјите служители, пророци и апостоли, да ги напишат сите книги од Стариот и Новиот завет. Светото Писмо ги содржи сите информации што се потребни за нашето спасение и во таа смисла тоа е целосно веродостојно, вистинито и непогрешливо Слово Божјо. Библијата е нашиот единствен канон, односно мерка и авторитет за прашањата поврзани со нашата вера и нашата верска пракса.
9. Веруваме дека човекот – мажот и жената - е круна на Божјото создавање и дека е создаден според ликот Божји, да господари и управува над сето создание. Секоја личност има вродено достоинство, поради кое личноста треба да биде почитувана, помагана и уважувана. Но, човекот падна во грев и преку исконскиот грев целиот човечки род по природа станува беспомошно грешен. Гревот значи промашување на целта, бунт против Бога, самоволие, беззаконие, неверие, непослушност и сл. Платата за гревот е смрт, а тоа подразбира духовна, душевна и телесна смрт и вечно одвојување од Бога.
10. Веруваме дека човекот може да се спаси единствено по благодат Божја и преку вера во Исус Христос. Грешниот човек не може да го заработи спасението со свои напори, своја сила и преку делата на Законот. Оправданието доаѓа преку вера во Исус Христос и спасението се прима како дар од Господа.
11. Веруваме дека оној кој ќе поверува дека Исус е Господ, дека Тој умрел за нашите гревови и дека воскреснал од мртвите и кој ќе се покае за своите гревови и ќе се обрати кон Господа, ќе се спаси и ќе биде нановороден преку Светиот Дух. Нановородениот човек, обновен преку Светиот Дух, има сила да Му угодува на Бог и да врши добри дела за Негова слава. На тој начин, добрите дела не се услов или пат кон спасението, туку продукт или плод на спасението на човекот.
12. Веруваме дека посветувањето е чин на одвојување од она што е зло, и на предавање кон Бога. Тоа започнува откако верникот ќе поверува во Исус и ќе биде нановороден преку Светиот Дух и тоа е процес кој не престанува додека сме живи. Посветувањето, исто така, е дело на Божјата благодат преку Словото, молитвите и Духот Свети, преку кое се прочистуваме од гревот во нашите мисли, зборови и дела, и ни се овозможува да живееме во согласност со Божјата волја и да копнееме кон светост и сè повеќе да наликуваме на Христос.
13. Веруваме дека Исус Христос е патот, вистината и животот и никој не доаѓа при Таткото, освен преку Него. Исус е единствениот посредник до Бога и единствениот спасител на светот и нема друго име и нема друг начин преку кој би можеле да се спасиме.
14. Веруваме дека црквата, односно сите верни сме повикани да земеме учество во Големото послание и да им го проповедаме Евангелието Христово на сите луѓе од сите народи, за да имаат можност да ја слушнат радосната вест, да поверуваат во Исус и да се спасат. Светиот Дух е мисионерски Дух, според тоа евангелизацијата треба спонтано да произлезе од црквата исполнета со Светиот Дух. Црквата која не евангелизира е непослушна кон Господовата заповед и треба да се моли за ново исполнување, послушност и сила од Светиот Дух. Светската евангелизација наложува целата црква да му го пренесе целото Евангелие на целиот свет.
15. Веруваме дека нашиот Господ Исус Христос ни заповеда практикување на два сакрамента (свети тајни), а тоа се крштевањето и вечерата Господова. Сакраментот претставува надворешен и видлив знак за внатрешната и невидлива милост. Крштевањето е првиот сакрамент преку кој оној кој поверувал во Исус и се нановородил преку верата, со видлив знак на подронување во вода од страна на црковен претставник, во името на Таткото и Синот и Светиот Дух, склопува завет на верата со Бога, пред сведоците на црквата. Подронувањето во вода е израз на очистување, односно умирање за гревот, заедно со Христос, и воскресение за нов живот во Христа воскреснатиот. Вечерата Господова (причест или евхаристија) е вториот сакрамент преку кој го обновуваме нашиот завет со Христос и се сеќаваме на Неговата жртва за нас. Лебот го претставува Христовото тело распнато за нас, а виното ја претставува Христовата крв пролеана за нас. Преку причестувањето ние во благодарност го обновуваме нашето единство со Христос и едни со други и навестуваме дека Го очекуваме Христос да се врати повторно. Верникот по свој избор и уверување се крштева еднаш засекогаш, а вечерата Господова се служи на редовна основа, според редот воспоставен од секоја црква.
16. Веруваме дека бракот е од Бога воспоставена (хетеросексуална и моногамна) институција помеѓу еден маж и една жена.
17. Веруваме дека само на Бога Му припаѓа славата и затоа само Бога – Таткото, Синот и Светиот Дух - Го обожаваме и само Нему Му служиме.