
Е. Ц. Штип
Пастор на Евангелска црква - Штип е Петре Петров. Роден е во Штип во 1970 година и основно и средно образование завршува во родниот град. Високо образование завршува на универзитетот во Загреб, Хрватска, стекнувајќи се со академска титула дипломиран инженер. Во својата бизнис-кариера успешно работи на раководни позиции како шеф на производство, технички директор и директор. Поверувал во Господ Исус Христос на почетокот на 1992 година. Оттогаш станува активен член на Евангелска црква - Штип. Бил вклучен во различни активности и служења како ѓакон, старешина, младински пастор, проповедник. Во 1998 година се жени со Даниела, со која имаат два сина, Иван и Даниел. Во септември 2007 година е ракоположен за пастор на Евангелска црква – Штип.
Детали за црквата
Нашата историја
Почетоците на Евангелска црква - Штип датираат од крајот на 80-тите години на минатиот век како дел од Евангелското движење во поранешна Југославија. Брачниот пар Будимир и Астерија Јакиќ се доселува од Белград и почнува со мисионерска работа. Тие купуваат куќа и ја преуредуваат за потребите на црквата. Во почетокот црквата започнува со домашни заедништва. Првата официјална богослужба е одржана на 28.04.1991 година. Оттогаш, па сè до денес Евангелска црква - Штип е место каде што многу луѓе наоѓаат утеха, исцеление и спасение преку верата во Господ Исус Христос. Евангелска црква - Штип е една од двете цркви, заедно со Евангелска црква - Скопје, од кои започнува евангелското движење во Македонија кое подоцна прераснува во Евангелска црква во Македонија со повеќе од 30 цркви и заедништва низ државата. Од Евангелска црква - Штип подоцна излегуваат повеќе пастори и христијански служители кои денес служат и работат во евангелските цркви низ разни градови во Македонија и пошироко. Првите пастори - мисионери ја водат црквата до 2007 година за од септември 2007 година во Евангелска црква - Штип да биде ракоположен нов пастор.
Штип е град во источниот дел на Македонија, распространет по долината на реката Брегалница на површина од 893 км2 и на надморска височина од 300 метри. Во градот Штип живеат 43.652 жители и претставува најголем град во Источна Македонија и седми град по големина во Македонија. Штип е центар на источниот регион. Штип е еден од најстарите градови во Македонија. Штип важи за центар на модната и текстилната индустрија во Македонија.